ТФТ го забележа седмиот пораз во АБА2 лигата откако на отварањето на новиот турнир кој се одржува во Нови Сад загуби од Подгорица со 88-83 во драматична завршница.
По изедначеното отварање на натпреварот прв иницијативата ја превзема ТФТ кој влезе во серија во обидите за три поени, имаше и одличен проток на топката во нападот па стигна до предност од 20-29 по 10. минути игра. Ритамот на избраниците на Смилковски продолжи и во поголемиот дел од втората четвртина, а преку расположениот Зафиров македонскиот тим стигна до предност од 26-42. Сепак скопскиот состав не успеа да ја задржи високата предност до крајот на полувремето. Следеше период во кој „црно-белите“ се мачеа во нападот, а загубените топки и тешките обиди знаеше да ги искористи Подготица за серија од 15-3 со која ја врати негативата на два поседа (41-45).
На самото отварање на второто полувреме ТФТ влезе во проблем со лични грешки на високите играчи. На четирите на Николов се надоврзаа петте на Хогтон па во недостаток на агресивност во играта под обрачот подобро се најде црногорскиот тим која ја превзема предноста и поведе со 60-59 пред одлучувачката четвртина. Во неа продолжи неизвеноста, а победникот беше решен на 82 секунди до крајот кога Брновиќ погоди за 82-78, а новото засилување Калхоун загуби топка по тајм-аутот.
Со 19 поени Луис беше прво име кај ТФТ, а него го следеше Зафиров со 17 поени и рекордни пет погодени обиди за три поени. 11 поени постигна Калхоун, додека со 12 поени и 9 скокови мечот го заврши Верц. Со 28 поени и 7 скокови Краљевиќ беше прво име кај Подгорица.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА