Кошаркарите на ТФТ се наоѓаат во Црна Гора, каде утре ќе гостуваат на Сутјеска во првиот дуел од полуфиналната серија од АБА2 лигата. Македонскиот претставник веќе испиша клупска историја со елиминацијата на Златибор и пласманот во ова полуфинале, но тренерот и сопственик на клубот, Боро Смилковски, не отстапува од големиот сон – со ТФТ да се искачи и на врвот на регионалното натпреварување.
„Од самиот почеток на сезоната го велам истото, сакам трофеј со ТФТ сезонава. Не успеавме во Купот на Македонија, но останува домашното првенство и во АБА 2. Убаво беше да се биде дел од ТФТ по оној триумф во мајсторката со Златибор, но сега сме максимално фокусирани на она што следи пред нас. Не престануваме да сонуваме – пехар во АБА2 и влез во елитното друштво во регионот би било врвот од постоењето на нашиот клуб, свесни сме дека играме со клубови со далеку побогати буџети, дека „уриваме системи на функционирање“, но сето тоа само ги прави нашите успеси послатки. Тимскиот дух што владее во тимот е нашиот адут и веруваме дека можеме до нов успех“, вели Смилковски.
Стратегот на тимот од Тафталиџе има голем респект за утрешниот противник, кој има сосема поинаков стил на игра отколку Златибор.
„Играме со ривал што е квалитетен и што игра максимално физичка кошарка, со многу контакт. Наше е да се обидеме да го наметнеме сопственото темпо, иако ни е јасно дека нема да биде нималку лесно. Сутјеска е тим што инвестираше дополнително во врвни засилувања токму за овој дел од сезоната, тоа најдобро ги одразува амбициите на црногорскиот состав чија желба е влез во АБА1. Исто како и секогаш, ние ги почитуваме противниците, но ќе сториме се за да го оствариме нашиот голем сон и да минеме уште една пречка во регионалното натпреварување. Откако славевме над Златибор, знаеме дека за ТФТ не постои невозможна мисија“, оптимист е Боро Смилковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

