Ти-Џеј Шортс кандидат за МВП на Евролигата: „Тоа е благослов, да се биде во конкуренција со Везенков и со Нан е огромна чест“

Пред почетокот на сезоната во Евролигата, апсолутно малку кој од европските кошаркарски стручњаци веруваше дека екипата на Париз ќе игра вака значајна улога во најквалитетното европско клупско натпреварување, а македонскиот репрезентативец Ти-Џеј Шортс ќе биде во најтесна конкуренција за МВП на елитното натпреварување.

Плејмејкерот на Париз и репрезентацијата на Македонија игра феноменално во својата дебитантска сезона во Евролигата, но вели дека воопшто не се оптоварува со некои индивидуални признанија. За престижната награда МВП ќе се „трка“ со Саша Везенков и Кендрик Нан до крајот на сезоната.

„Пред се, сакам да кажам дека е голема чест да се игра во натпреварување како што е Евролигата. Да се ​​биде во иста конкуренција за МВП со играчи како Везенков, чии успеси зборуваат сами за себе, и Нан, кој е неверојатен играч, е голема чест и благослов.  Моментално играм на највисоко ниво и среќен сум што припаѓам таму. Немам никакви тајни. Само работам напорно и постојано тренирам. Работа и верба во Бога. Верувам во големи соништа и верувам дека Бог ме става во одредена позиција со причина“ – вели Шортс, кој минатата сезона со Париз го освои Еврокупот.

Што се однесува, пак, до неговите предвидувања околу тоа кои екипи ќе се најдат на Ф4 од Евролигата, Шортс таму ги гледа двата атински тима, Фенербахче и Реал, иако мадриѓаните во моментов не се ни во плеј-ин зоната со скор 13-13.

„Ќе се држам до моите првични предвидувања, она што го кажав пред почетокот на сезоната. Олимпијакос, Панатинаикос, Фенербахче и Реал Мадрид одат на Фајнл-форот. Останувам на таа позиција“ – истакнува Шортс.

Се вчитува...