Иднината на Арсен Венгер како менаџер на Арсенал уште повеќе е доведена во прашање откако двајцата главни акционери на лондонскиот клуб разгледуваат нови имиња за предводници на „топчиите“ почнувајќи од следната сезона. Договорот на Венгер истекува во јуни годинава и како што стојат работите во моментов истиот нема да биде продолжен, откако Стен Кренке, кој има најголем број на акции во клубот, ја презентирал идејата Тиери Анри да добие шанса како менаџер на Арсенал. Наспроти него, Алишер Усманов има желба за нов стратег да го доведе Диего Симеоне, што е јасен знак дека и двајцата милијардери кои се дел од управата на „топчиите“ веќе не гледаат на Венгер како на идеално решение за менаџер на тимот.
Планот на Усманов за ангажман на Симеоне е речиси невозможен за реализација бидејќи Аргентинецот има уште една година од договорот со Атлетико, а воедно доби многу сериозна понуда од Интер.
Многу поголемо внимание во јавноста добива идејата на Кренке, кој во Анри гледа идеална личност за кревање на атмсоферата во тимот, но и меѓу навивачите, кои се поделени во (не)довербата кон Венгер. Францускиот ас е икона на клубот и сигурно ќе добие безрезервна поддршка од сите, заедно со буџет од 100 милиони фунти за ангажман на нови засилувања. Тој моментно работи како асистент на Роберто Мартинез во стручниот штаб на белгиската репрезентација, но сигурно без проблеми ќе се откаже од тој ангажман доколку добие сериозна понуда од „топчиите“.
Само за потсетување, претходно Масимилијано Алегри и Томас Тухел беа најспоменувани имиња како можни наследници на Венгер, но со вклучувањето на Тиери Анри оваа трка дефинитивно добива нов лидер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА