Шпанскиот интернционалец Тијаго Алкантара стави потпис на нов договор со „баварците“ кој ќе важи до 2021 година и стави крај на сите шпекулации околу неговата иднина и враќањето на „Камп Ноу“. Иако шпанските медиуми во неколку наврати го преселија назад во Барселона, шпанскиот репрезентативец знае дека нема потреба да ја менува средината, бидејќи добива се’ што посакува. Тијаго е еден од клучните играчи во тимот. Беше главна фигура во средниот ред кај Гвардиола, истото е и во тактиката на Анчелоти.
Во 2013 година Баерн го купи Тијаго од Барселона за 25 милиони евра, со што ја искористија клаузулата во неговиот договор со Барса во кој стоеше дека може да замине за одредена сума доколку не одигра 60% од натпреварите. Бразилецот со шпански пасош тогаш потпиша на четири години со најтрофејниот германски тим, две години подоцна го наградија со нов, побогат договор и уште четири години соработка, а сега по третпат става потпис на нов, четиригодишен договор.
Плејмејкерот одигра 117 натпревари во дресот на Баерн Минхен, постигнувајќи 17 гола и при тоа освои осум трофеи. Покрај Тијаго, сезонава договорите ги продолжија и Мануел Нојер, Роберт Левандовски, Томас Милер и Џером Боатенг.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА