Тијаго Мота од денеска и официјално е нов шеф на стручниот штаб на Јувентус откако најтрофејниот италијански клуб го именуваше екс-тренерот на Болоња за наследник на Масимилијано Алегри.
Мота тренерската кариера ја почна во младинската школа на ПСЖ, потоа се врати во Италија на клупата на Џенова во 2019, по што беше предводник и на Специја и на Болоња. Токму одличните резултати како предводник на „болоњезите“, тим со кој направи вистински подвиг со обезбедениот пласман во Лигата на Шампионите, беа препорака Мота дасе најде на листата со желби на италијанските гиганти, а од неколкуте понуди на маса тој ја избра онаа на Јувентус.
„Среќен сум што почнувам нова авантура на чело на голем клуб како што е Јувентус. Голема благодарност до сопствениците и директорите за укажаната доверба, моја амбиција е сите да бидат горди на она што ќе го оствариме заедно, навивачите да бидат среќни“, изјави Мота.
Договорот меѓу Јувентус и новиот тренер е со важност до 30 јуни 2027 година, со можност за продолжување на соработката за уште една сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА