Прв на програмата од осминафиналните пресметки во Лигата на шампионите ќе биде дуелот меѓу ПСЖ и Барселона, два тима кои и сезонава во елитното европско натпреварување влегоа со амбиција да се искачат на самиот трон. „Светците“ се свесни дека каталонскиот гигант ќе ја има фаворитската улога во овој двомеч, а главниот притисок ќе биде врз одбраната, која ќе мора да го реализира „магичното трио“ Меси – Нејмар – Суарез.
„Како да се игра против овие тројца? Пред се треба да се помолите бидејќи само со Божја помош може да се запрат Меси, Нејмар и Суарез. Целта ни е на првиот меч во Париз да не примиме гол, но јасно е дека тоа нема да биде нималку лесно. Јас лично немам добро искуство во дуелите со Барселона, единствената победа од 3-2 со ПСЖ беше на мечот на кој не играв поради повреда. Последните натпревари завршија разочарувачки за мене, се надевам дека тоа годинава ќе се промени“ – изјави предводникот на одбраната на ПСЖ, Тијаго Силва.
Бразилецот подолго време се наоѓаше на листата со желби на Барселона, но со потпишувањето на новиот договор со францускиот првак стави крај на шпекулациите околу својата иднина.
„Би лажел кога би рекол дека не размислував да заиграм во ист тим со Меси, Нејмар и со Суарез. Секогаш сум сакал клубови кои играат допадлив, атрактивен фудбал, а Барса секогаш е во преден план на ова поле. Сепак, ПСЖ исто така е голем клуб, а јас сум среќен што и во иднина ќе го носам дресот на оваа екипа“ – истакна бразилскиот дефанзивец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА