Тиквеш го продолжи импресивниот старт на Супер-лигата откако кавадарчани во четвртото коло стигнаа до четврти триумф, на гостински терен против Куманово со резултат 16-28. Наспроти нив, кумановци нанижаа четири порази и јасно е дека овој тим го чека тешка борба за опстанок во елитното друштво.
Тиквеш успеа резултатски да се одлепи пред крајот на првото полувреме, заминувајќи на одмор со водство од три гола (10-13). Избраниците на Матлиевски потоа супериорно го стартуваа и вториот дел, набрзина стигнувајќи до пет гола предност (11-16). Домашниот состав загуби здив, а полетните кавадарчани знаеја како да го искористат тоа, па дополнително ја зголемија позитивата и на крајот славеа со убедливи дванаесет гола разлика.
Симиќ ги предводеше стрелците на Тиквеш со шест погодоци, додека пет гола постигна Темелкоски. Најдобри стрелци редовите на Куманово во денешниот пораз беа Димитров и Даневски со по три постигнати гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА