Кавадаречки Тиквеш е најдобрата екипа по петте одиграни кола во пролетниот дел од првенството во Првата македонска фудбалска лига.
Предводена од стратегот Ѓорѓи Мојсов, поранешниот македонски репрезентативец, низ пролетниот дел од шампионатот Тиквеш, на изненадување или не на многумина во домашниот фудбал, е вистинско освежување за прволигашката сцена. Кавадарчани со 10 освоени бода од пет натпревар се најуспешните кога би се погледнала само пролетната полусезона, пред Шкупи и Струга ТЛ кои имаат по 9 освоени бода во вториот дел од шампионатот. Тиквеш би имал и некој бод плус ако се знае дека во првото пролетно коло загуби во Штип натпревар во кој имаше водство се до 92. минута.
Но, за сите оние кои вистински ги следат случувањата во клубот и не е некакво изненадување, ако се знае стручната работа во тимот но и пристапот кон новата селекција на фудбалери за клубот. Тиквеш првпат оваа година воспостави соработка и со новоформираната мешовита агенција „Амазонас сокер груп“. Преку оваа бразилско-македонска агенција, која е формирана по минатогодишната посета на претседателот на бразилскиот клуб ФК Амазонас, Весли Франциско, реализирани се низ изминатиов зимски преоден рок два бразилски трансфери во Тиквеш, веќе популарните Робертињо Нето и Луан. И двајцата веќе сериозно се издвоија на домашната сцена, Нето и како еден од најдобрите фудбалери во лигата, со три погодоци и една асистенција низ пролетниот дел од сезоната.
Соработката меѓу „Амазонас сокер груп“ и Тиквеш продолжува во повеќе сегменти кои претставуваат поддршка и усовршување на организација со нови технички предности и вовед на современа технологија во фудбалот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА