Тиквеш го победи Пролет и се врати на „кота 6“

Тиквеш ја искористи предноста на домашниот терен и триумфираше над Пролет со резултат 23-19, за два бода со кои кавадарчани ја исполнија зацртаната цел, да се вратат на шестото место на табелата кое значи и учество во плјеофот. Избраниците на тренерот Грчевски одиграа квалитетен меч во одбраната, на голот го имаа одличниот Арсиќ и дојдоа до посакуваниот триумф против составот на Пролет, кој скапо го плати десетминутниот пост во првото полувреме.

Почетокот мина во знакот на гостите од Скопје, кои преку Андоновски и Бахар во нападот, но и одличниот Петковски на голот стигнаа до предност од 3-5. Следеше кризен период од десетина минути без ниту еден постигнат погодок што Тиквеш го искористи за да поведе со 9-5, пред Стојановски конечно да ја прекине „црната серија“ на Пролет. На одмор се замина со 14-10 за Тиквеш, а Пролет парираше со 16-14, резултат при кој гостите не реализираа седмерец. Кавадарчани на чело со голманот Арсиќ беа подобар тим во последните петнаесетина минути, на крајот триумфирајќи со конечните 23-19.

Арсиќ беше одличен на голот на Тиквеш со 15 успешни интервенции, во нападот најефикасни беа Обина со шест и Кривокапиќ и Темелкоски со по пет погодоци. На спротивната страна, најдобри поединци кај Пролет беа голманот Петковски, како и капитенот Андоновски и крилото Палевски со по четири гола.

Се вчитува...