Тиквеш го победи Раднички Крагујевац на „Струга 2025“

Ракометарите на Тиквеш триумфираа со 24-20 против српскиот прволигаш Раднички Крагујевац на денешниот прв натпревар на Меѓународниот ракометен турнир „Струга 2025“.

Кавадарчани беа далеку подобриот тим на теренот. По почетната израмнетост, Тиквеш веќе во 20 минута се стекна со предност од 10-9 која потоа само ја одржуваше и зголемуваше за конечна победа.

Најдобар поединец во македонскиот тим беше Димитар Коцев со шест погодоци, а Египќанецот Мохамед Ахмед заврши со четири гола. По три гола запишаа Аранда и Симиќ. Голманот Василије Печурица мечот го заврши со одлични 12 одбрани.

Кај Раднички Крагујевац се издвои Душан Касаловиќ со шест гола.

Утре Тиквеш на меѓународниот турнир во Струга ќе игра против скопски Бутел.

Се вчитува...