Тиквеш и Бутел стигнаа до рутински победи во ракометната Супер-лигата, откако без поголеми проблеми ги оправдаа фаворитските улоги против екипите на Радовиш и Прилеп.
Тиквеш го забележа вториот овосезонски триумф откако на гостински терен го совлада Радовиш со 23-35. Кавадарчани уште од самиот почеток наметнаа силно темпо, поведоа со 4-12, по што радовишани само за момент се вратија, намалувајќи на 11-16 до крајот на првото полувреме. Вториот дел сепак мина во знакот на избраниците на Грчевски, кои на крајот триумфираа со убедливи 12 гола разлика.
Јован Даневски со 11 погодоци беше клучна фигура на овој меч кај Тиквеш, а по пет гола постигнаа Анастасовски и Коцев.
Бутел рутински ја одработе задачата на домашен терен против Прилеп, славејќи со 25-18 откако по 30 минути игра резултатот на овој меч гласеше 11-8. Милошески и Михајловиќ со по четири гола ги предводеа стрелците на Бутел, додека најефикасни кај прилепчани беа Илиески и Квастек со по пет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА