По Струга ТЛ која во квалификациите за Лигата на шампионите вчера од Слован Братислава загуби на гостување со 4-2 и преостанатите два македонски претставници во Европа денеска ја почнуваат својата авантура.
Освојувачот на Купот на Македонија, Тиквеш денеска своето деби во Европа ќе го има на домашен терен против исландски Бреидаблик со силна желба, како што вели тренерот Ѓорѓи Мојсов, што подолго да се остане на европската сцена ова лето.
„Искрено, се надеваме и веруваме дека ќе се гледаме повеќе пати на европската сцена ова лето. Се подготвуваме за овој историски дуел за Тиквеш силно верувајќи дека може да одиграме квалитетни натпревари. Добро се подготвивме за противникот, одлично е анализиран и верувам дека го испочитуваме она се договорено на тренинзите, тогаш сигурно ќе продолжиме во следната рунда натпревари. Ние како клуб и како град сме горди што градоначалникот Митко Јанчев стои зад нас. Стабилноста која ни ја дава финансиерот ни дава сигурност единствено да мислиме на фудбалот и да се оддолжуваме со квалитетни партии на терен. Јас верувам дека Тиквеш може да мине неколку кола на европската сцена, го гледам клубот во Европа и по Бреидаблик, и по Дрита. Се на мечот ќе зависи само од тоа како ние ќе одиграме. Било каква победа е позитивна за нас пред реваншот. Тие играат на вештачка трева, но и тоа не е важно. Важно е како ние ќе се претставиме“, истакнува стратегот на кавадарчани.
Вицешампионот Шекндија за противник ќе го има ерменскиот прволигаш Ноа. Во таборот на тетовци веруваат во успех и пласман во следната рунда.
„Шкендија игра добро во Европа во последните десет години, наша обврска е да одиме на пласман во следната рунда. Ноа направи многу промени во играчкиот кадар, поради што беше тешко да се направи скаутинг и тактичка подготовка за овој натпревар“, изјави тренерот Јетон Беќири.
Натпреварот меѓу Ноа и Шкендија е со почеток во 18 часот, а два и пол часа подоцна на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје ќе се сретнат Тиквеш и Бреидаблик.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА