Куманово стигна до финалето во Купот на Македонија, но по тој убедлив пораз од МЗТ Скопје следеше огромен пад во формата на „сино-белите“ кои загубија четири од последните пет меча, па сега во прашање им е доведен и настапот во плејоф-доигрувањето. По поразите од Пелистер и од ТФТ, избраниците на Марин Докузовски вечерва потфрлија и на гостувањето во Кавадарци каде претрпеа пораз од Тиквеш од 92-86.
Првата четвртина мина во израмнета битка (21-21), а како клучен се покажа вториот период во кој Тиквеш доминираше добивајќи го овој период со 27-17. Двоцифрената предност беше одржувана во текот на целата трета четвртина, а гостите беа немоќни за враќање до крајот на мечот. Се што успеаја е во самиот финиш од 92-81 на половина минута до крајот да стигнат до пораз од „минус шест“, слаба утеха во ситуација кога е доведено во прашање и шестото место на табелата, за кое кумановци во преостанатите две кола ќе се борат со Тиквеш и со Чаир.
Глигоријевиќ повторно беше одличен во таборот на кавадарчании со дабл-дабл од 20 поени и 10 скокови, со 18 поени мечот го заврши Бошалески, додека Парсонс имаше 17 поени, 9 скокови и 8 асистенции.
Треба да се истакне дека Урош Луковиќ не настапи за Куманово на овој меч, а најефикасни во поразениот тим беа Радукиќ со 20 и Стевановиќ со 18 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

