Тиквеш ја уништи забавата во Штип

Штип последен стигна до билет за Супер-лигата со вајлд-карта на местото на Чаир, но по изградбата на новата сала и доаѓањето на тренерот Србиновски и неколку екс-репрезентативци атмосферата во овој град на кошаркарски план набрзина се крена заедно со оптимизмот.

Затоа и се очекуваше денешниот прв домашен суперлигашки меч со Тиквеш да заврши со триумфална забава, но шоуто го украдоа гостите од Кавадарци кои доминираа од почеток до крај и триумфираа со преубедливи 65-93.

Пресудна се покажа првата четвртина во која кавадарчани целосно се одлепија и практично го решија прашањето на победникот. Тајмаутот при 4-15 воопшто не вроди со плод, Тиквеш стигна до 4-21, а потоа со тројката на Кечовски и до 6-26. Првата четвртина заврши со резултат 9-30, по што гостинскиот состав рутински ја одржуваше убедливата предност. На одмор се замина со 29-50, и тоа со тројка во самиот финиш на домашните кошаркари, по што „црвено-белите“ рутински одржуваа до самиот крај и конечните „плус 28“.

Најефикасен беше Смит, кој постигна 22 поени, а на својот учинок додаде и осум асистенции за Тиквеш. Соукс реализираше 17 поени, а имаше и девет скока, додека Кешовски одигра одличен натпревар со 14 поени, шест скока и четири асистенции. Волф постигна 12 поени, а капитенот Глигоријевиќ придонесе со 10 поени и шест скока.

Кај домашниот состав, најдобри стрелци беа Александровски, Сендфорд и Хамилтон, кои постигнаа по 13 поени, а искусниот Костоски заврши со 11 поени и седум асистенции.

Се вчитува...