Тиквеш како „гостин“ со Шкупи ќе игра во Кавадарци – Вареловски: Нема потценување!

Тиквеш ќе ја отвори денеска пролетната полусезона со дуел против Шкупи, во кој формално ќе биде гостин, но всушност ќе се одигра на стадионот во Кавадарци.

Со оглед на ситуацијата во која се наоѓа Шкупи, тимот на Тиквеш е фаворит за освојување на бодовите, но капитенот Александар Вареловски е внимателен и повикува на максимална фокусираност.

„Одработивме одлични подготовки во Анталија, условите што ги имавме таму беа на највисоко можно ниво. Пролетниот дел ни почнува, а со тоа и задачата која секако ќе биде тешка, што е можно порано да обезбедиме опстанок. Нашата цел е да го избегнеме и местото кое води во бараж. Првиот меч е против Шкупи, сите знаеме каква е таму ситуацијата, но и сите знаеме дека секогаш првото коло после пауза е најтешко бидејќи сите екипи почнуват со нова енергија. Мора да сме бидеме фокусирани и концентрацијата да биде на највисоко можно ниво, бидејќи сакаме да стартуваме позитивно и од првото пролетно коло да тргнеме во исполнување на задачата што сакаме да ја реализираме. Посакуваме директен опстанок и што е можно повисок пласман на табелата, а тоа секако подразбира победа на стартот против Шкупи“, вели Вареловски пред дуелот.

Натпреварот меѓу Шкупи и Тиквеш, иако чаирчани се домаќини, ќе се одигра на стадионот во Кавадарци, со почеток во 14 часот.

ПМФЛ – 17. КОЛО (денеска, 14 часот)

Тетово: ШКЕНДИЈА – СТРУГА ТЛ

Кавадарци: ШКУПИ – ТИКВЕШ

Се вчитува...