Тиквеш патува по изненадување во Струга, но домашните сакаат старт на победничка серија

Струга ТЛ се надева дека до крајот на првенството може да стигне до втората позиција во Првата македонска фудбалска лига, а тоа е можно само доколку влезе во нова победничка серија. По триумфот над Шкупи во минатото коло, стружани посакуваат нови три бода и од денешната пресметка против Тиквеш.

Младиот и талентиран Флоријан Рочи, кој беше еден од стрелците на последниот натпревар против Шкупи, вели дека тимот се наоѓа во добра форма.

„Ова е многу важен натпревар за нас, особено затоа што играме пред домашна публика. Верувам дека со максимална посветеност и нивна поддршка можеме да стигнеме до нова победа. Тимот се наоѓа во добра форма и мислам дека тоа ќе го покажеме на денешниот дуел со Тиквеш“, истакна Рочи, кој верува во себе и ветува уште поголем придонес за тимот секогаш кога ќе добие шанса.

„Секогаш се трудам да го дадам максимумот на секој натпревар на кој добивам шанса. Одлуката за минутажата е на тренерот, но јас ќе продолжам напорно да работам на тренинзите и да покажам дека заслужувам да бидам на теренот што е можно повеќе“, посочи младиот фудбалер.

Сепак, Тиквеш по поразот Силекс на домашен терен од 0-3, посакува да се врати на патеките на успехот и да се почне нова победничка серија.

„Нормално дека боли тоа што се случи на дуелот против Силекс. Не толку поради самиот пораз, туку поради фактот што се случи во Кавадарци. Сепак, можеби и требаше да ни се случи еден таков момент за да не „отрезни“ и да се спуштиме на земја. Сега, секако, одиме по позитивен резултат во Струга“ – изјави капитенот Александар Вареловски.

Натпреварот меѓу Струга Трим Лум и Тиквеш, од 27. коло во ПМФЛ, ќе се одигра на Градскиот стадион во Струга, со почеток од 15:30 часот.

Се вчитува...