Кризата во Работнички се продлабочи со новиот пораз, трет во низа од стартот на 2026 година откако „центарци“ загубија со 85-74 на гостувањето во Кавадарци против Тиквеш. Најтрофејниот клуб се соочува со огромни проблеми, си заминаа неколку клучни играчи, а не можат да се доведат нови странски засилувања, а во една таква ситуација неуспешните резултати се само логичен след на околностите во кој се наоѓа Работнички.
Кошаркарите на Тиквеш охрабрени по големата победа во Гевгелија над Кожув вечерва одиграа квалитетно, со одличната втора четвртина (31-10) успеаја да се одлепат резултатски и на крајот да стигнат до победата.
Хенри и Хокинс ги предводеа стрелците на Тиквеш со по 16 поени, додека Рикиќ со дабл-дабл од 20 поени и 13 скокови беше најистакнато име во таборот на Работнички.
Кожув по двата порази во низа вечерва се израдува на првата победа во новата година откако како гостин славеше во Гостивар со убедливи 57-73. Гостиварци сезонава се соочуваат со огромни проблеми, а денешниот пораз само уште повеќе им ја компликува ситуацијата во борбата за опстанок.
Зетов со 16 и Вашингтон со 14 поени беа најефикасни во победничкиот тим, додека прв стрелец на Гостивар беше Димитриевски со 11 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

