Ракометарите на Тиквеш приредија изненадување во седмото суперлиашко коло откако на гостински терен го совладаа тимот на Еурофарм Пелистер 2 со резултат 24-26. Избраниците на Александар Јовиќ влеоа во мечот со серија од пет победи, но денеска налетаа на мотивираните гости од Кавадарци, кои со цврста одбрана стигнаа до бодовите во салата „Боро Чурлевски“.
Тиквеш изненади со одлична игра во првото полувреме, во кое гостинските ракометари имаа водство од пет гола (5-10, 7-12). Еурофарм Пелистер 2 се приближи на два гола разлика на паузата (12-14), но Тиквеш беше подобар ривал и во олем дел од второто полувреме. „Пелистерци“ дојдоа на „минус еден“ дури во самиот финиш, намалувајќи на 24-25, пред Гошевски да ги постави конечните 24-26 на овој натпревар.
Страхиња Симиќ со седум погодоци ги предводеше стрелците кај победничкиот тим, додека Цветан Кузманоски со пет гола беше најефикасен во таборот на Еурофарм Пелистер 2.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА