Ракометарите на Пролет во вториот натпревар од стартот на сезоната стигнаа до второто реми, овојпат на домашен терен против Тиквеш со 23-23. Последниот меч од второто суперлигашко коло мина во голема борба и надигрување на двете страни, а избраниците на Јовиќ имаат за што да жалат ако се знае дека прокоцка предност од пет гола вовторото полувреме.
Капитенот Ласко Андоновски реализираше за почетно водство од 1-0 за Тинекс Пролет, но следеше период на подобра игра на гостите кои презедоа контрола над резултатот. При предност на Тиквеш од 3-6 тренерот Јовиќ побара тајмаут, за момент Тинекс Пролет се стабилизираше и намали на 7-8 преку Андоновски, но следеше нова мини-серија на кавадарчани и нивно водство од 8-11. Токму тогаш избраниците на Јовиќ конечно влегоа во препознатливиот ритам, правејќи фантастична серија, преку Стојановски израмнувајќи на 11-11, за минута подоцна со голот на Василевски домашниот состав и да поведе со 12-11. Тинекс Пролет беше подобар ривал и до крајот на полувремето,на одмор заминувајќи со водство од 15-12 по велемајсторскиот гол што од крило, речиси од мртов агол го постигна Шилегов.
Доброто издание на Пролет продолжи и на стартот од второто полувреме, откако ракометарите на Јовиќ одлично отворија и поведоа со 18-13. Сепак, Тиквеш успеа да се врати, па по неколкуте одбрани на голманот Велков стигна на само еден гол негатива (18-17), принудувајќи го Јовиќ да побара тајмаут. Шилегов со својот петти гол ја прекина мини-серијата на гостите, a при 20-19 во 47. минута на голот на Тинекс Пролет застана искусниот Даскалоски, кој при првата противничка акција веднаш одбрани пенал. Се играше израмнето до самиот крај, двата тимаа имаа напад за победа во последната минута, но не беа успешни, а кога Шилегов стрелаше прецизно, судиите правилно оценија дека голот е постигнат по завршувањето на мечот, па овој интересен натпревар заврши со поделба на бодовите.
Бахар со седум и Андоновски и Шилегов со по пет гола беа најдобри поединци во таборот на Пролет, додека кај Тиквеш покрај голманот Велков кој го донесе камбекот, во нападот се истакна и Обина со шест погодоци, голем дел од нив во првото полувреме.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА