Македонскиот прволигаш фудбал повторно се врати на сцена, по репрезентативната пауза, денеска со дуелот меѓу Башкими и Тиквеш во Куманово.
Натпревар со две лица, многу дожд и шокантен финиш – Башкими и Тиквеш ги поделија бодовите (2-2) во воведниот натпревар од 25. коло. Иако домаќините имаа пресврт и победа во рацете, гостите од Кавадарци не се предадоа до последната секунда.
Дождот кој непрестајно паѓаше во Куманово го претвори теренот во вистинско боиште, што ги ограничи двата тима во првиот дел. Најпрво се закани Рибеиро за домаќините во 37. минута, а потоа возврати Гуела за гостите, но мрежите мируваа благодарение на сигурните интервенции на голманите.
Вистинскиот спектакл започна по паузата. Тиквеш прв „удри“ во 53. минута: Стојанов ја погоди стативата, а Сила беше најснаодлив во метежот за водство од 0-1.

Башкими веднаш тргна во офанзива и по интервенција на ВАР, доби пенал по играњето со рака на Камара. Голгетерот Аворнио ја презеде одговорноста, но биеше непрецизно над голот. Сепак, неговото искупување траеше само 60 секунди! Веќе во следниот напад, по одбиената топка од ударот на Рибеиро, Аворнио ја смести топката во мрежата за 1-1.
Еуфоријата во Куманово достигна врв во 74. минута. Алими повлече брза контра, Рибеиро сервираше до Аворнио, кој со својот втор гол донесе целосен пресврт и водство од 2-1. Тиквеш беше на колена, особено откако Стојанов претходно ја погоди и пречката.
Но, кавадарчани покажаа карактер кога беше најпотребно. Во судиското продолжение, „џокерот“ од клупата, Лавал, со прецизен удар ги шокираше домашните навивачи и израмни на 2-2. Во последните моменти од мечот, Саити имаше колосална шанса повторно да го врати Башкими во предност, но неговиот шут заврши за малку покрај голот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

