Ракометарите на Тиквеш за малку ќе прокоцкаа одлична можност за нова победа во Суперлигата, но со гол на 10 секунди пред крајот дојдоа и до третата победа во четвртиот натпревар од плејофот, славејќи со 21-22 на гостувањето против Бутел во Скопје. Кавадарчани имаат и пет гола предност, но на крај спасуваа победа во самиот финиш.
Кавадарчани имаа повеќе од сериозен отпор од домашните ракометари кои сосема успешно парираа низ текот на целиот дуел. По првите 30 минути Тиквеш дојде до убава предност од 11-14.
Во второто полувреме гостите почнаа одлично, па дојдоа и до предност од 13-18 во 46. минута. Сепак, огромен пад во играта во продолжението и Бутел со извонредна серија од 6-1 стигна до 19-19 на четири минути до крајот. Сепак, низ драматичен финиш низ гол за гол, Тиквеш на десет секунди пред звукот на сирената дојде до победа од 21-22. Домашните имаа последен напад, но не успеаја да реализираат за реми.
Сепак, и тоа како загриженост за кавадарчани на овој меч донесе повредата на еден од најдобрите ракометари, десниот бек Ани Обина, кој во 25 минута од средбата мораше да ја напушти играта. Обина, без контакт со противнички ракометар, се повред при еден скок шут кон голот на Бутел. Веднаш имаше лекарска интервенција, Обина заврши со натпреварот по што деновиве ќе биде познато за тежината на повредата.
Би бил сериозен хендикеп доколку Тиквеш го нема на располагање за продолжението од плејофот во Суперлигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА