ТИМСКА СТАТИСТИКА ВО СУПЕРЛИГАТА: „Пелистерци“ со најдобри бројки, Маџари е најпријатно изненадување

По оној индивидуален сегмент, по завршувањето на 22. кола од Суперлигата на Македонија, следува и еден статистички осврт на тимската работа на 12. клубови кои се дел од елитното натпреварување.

Во таа насока, по сублимирањето на податоците од центарот за статистика на федерацијата, најдобри се оние на кошаркарите на Пелистер од Битола.

Во овие 22 рунди, битолските „зелено-бели“ се во водство во пет тимски статистички категории од оние девет кои се водат како позначајни.

Екипата која од клупата ја предводи тренерот Борче Даскаловски е лидер според бројот на постигнати поени во досегашниот дел од сезоната.

Во просек „пелистерци“ реализираат по 91 поен, што е доста повисока бројка во однос на лидерот на табелата ТФТ, кој е на 85.9, односно најпријатното изненадување во лигата, екипата на Маџари, која има просечни 84.4 поени по меч.

Битолскиот суперлигаш има и најдобра реализација во обидите за три поени (35.3%) пред екипата на Работнички која има 35.2%, и МЗТ Скопје Аеродром со 33.6%.

Но и во оние кои вредат по два поени…

Во таа категорија Пелистер има 59.5% на реализација, нешто подобра во однос на МКК Куманово, тим кој има 58.5%, и Кожув кој засега е на 56.7% на успешност.

Тимот од Битола најдобро реализира и од линијата за слободни фрлања.

Го прави тоа со 74.8% на реализација, подобра во однос на онаа која ја имаат Кожув (74.2%), и Работнички, чии играчи погодуваат со 74% на успешност.

Пелистер е екипата која има, во просек, најголем број на освоени топки, по 8.82 по натпревар, скоро иста бројка која ја бележи екипата на Маџари, а за нијанса пониски се оние 8.7 на екипата на ТФТ.

Екипата на Маџари, која овој дел од првенството го заврши на делба на позицијата – 4 (заедно со екипата на Кожув), важи за најдобра во скокот. Во просек, новакот во оваа конкуренција остварил по 40.8 скока по натпревар, што е за „милиметар“ подобар резултат во однос на оној на екипата на МЗТ Скопје Аеродром (40.7), и ТФТ, чии играчи досега собрале, во просек, по 39.6 скока по натпревар.

Во делот на асистенциите, во ова фаза од шампионатот, највисоки бројки има екипата на МКК Куманово. Во просек, кумановци оствариле по 20.5 успешни додавања, што е доволно за првата позиција во оваа статистичка категорија, со која се пред „неизбежниот“ Пелистер, кој е на 19.4, односно тимот на Кожув, со 19. остварени додавања по натпревар.

Освен тоа кумановци се екипа која има и најголем број на остварени блокади.

Имаат по 3.36 блокади во просек, со кои први на листата на која зад нив се тимовите на Работнички и Феникс 2010 (со по 3.2 блокади по натпревар).

Екипата на Кожув пак е најдобрата според бројот на загубени топки. Подобро кажано, екипата од Гевгелија губи најмалку топки на еден суперлигашки натпревар, во просек по 11.3, што е подобро во однос на МЗТ Скопје Аеродром (11.4), и Пелистер, кој е на третото место со просечни 12.3 загубени топки.

Се вчитува...