Тинекс Пролет триумфално на гостувањето против Радовиш

Тинекс Пролет ја оправда фаворитската улога и славеше победа од 17-19 на гостувањето против Радовиш во 25. коло од плеј-аут разигрувањето во Суперлигата на Македонија.

Ракометарите на Радовиш фуриозно го почнаа мечот поведувајќи со дури 5-0 по првите осум минута игра. Но, Палевски извонредно се разигра и следеа четири едноподруго негови гола, а потоа уште еден за пет од вкупно седум во низа, па со серија од 2-7, Тинекс Пролет дојде до 7-7 во 21. минута од натпреварот.

А, потоа низ израмнета игра, со цврсти одбрани, се дојде до 9-9 на полувремето.

Во вториот дел сосема идентична игра, со многу малку голови, максимални одбрани, грешки во нападот и главно постојано водство од еден гол разлика на гостинските ракометари, кои на 60 секунди пред крајот дојдоа до предност од 17-18 со голот на Давитковски.

Домашните потоа имаа изгубена топка, за да Тинекс Пролет го има последниот напад во последните 20 секунди од мечот. И, на четири секунди пред крајот Стоилевски ги постави конечните 17-19.

Најефикасен во победничкиот тим беше Палевски со седум гола а Давитковски мечот го заврши со пет погодоци. Три гола постигна Стоилевски, а по еден гол запишаа Глигоров, Андоновски, Димковски и Стојановски. Бојан Солев беше извонреден на голот со 14 одбрани.

Кај домашните се издвои Мартин Димов со пет гола, четири погодоци запиша Александар Ѓоргиев, а Ристовски на голот имаше 14 одбрани.

Се вчитува...