Титулата е на дофат: Е. Пелистер ја освои и „Автокоманда“

Ракометарите на Е. Пелистер направија уште еден голем чекор напред кон шампионската титула откако во денешниот дерби дуел на седмото коло од плејофот како гости го совладаа Алкалоид со резултат 25-35. „Пелистерци“одиграа квалитетен меч во високо темпо, го контролираа резултатот и освоија значајни бодови пред дербито со Вардар во вторник, дуел во кој битолчани со триумф би можеле да стават крај на сите дилеми во битката за титулата.

Алкалоид одржуваше минимално водство само до 5-4, кога битолчани заиграа на уште повисоко ниво, ги искористија промашувањата на Петров и на Бинго и го свртеа резултатот во своја полза (5-7). „Сино-белите“ израмнија на 7-7, но следеше нова серија на Е. Пелитер и водство на актуелниот шампин од 7-11. До крајот на полувремето се играше жестоко, со исклучувања на двете страни, но „пелистерци“ја задржаа предноста и на одмор заминаа со предност од четири гола (12-16).

Избраниците на Кире Лазаров со нова енергија влегоа во вториот дел, повторно нападот функционираше добро, па со голот на Петров намалија на 17-19  во 38. минута и го принудија Ангеловски на тајмаут. Таа минута одмор беше доволна за „пелистерци“ да се вратат во ритам, Лесјак пак одбрани кога беше важно, профункционира и нападот, па со голот на Радивојевиќ поведоа со 18-23, по што дојдеред Кире Лазаров да побара тајмаут.

Последната шанса за приближување Алкалоид ја пропушти при промашениот контранапад на Џонов при 19-23, Е. Пелистер искусно не само што ја задржа, туку и дополнително ја зголеми својата предност, па по атрактивниот погодок на Дејан Манасков за 22-28 домашниот тренер беше принуден повторно да побара тајмаут. Веднаш по тајмаутот следеше нов гол на Манасков за најубедливи плус седум за Пелистер (22-29), по што битолчани уште повеќе ја зголемија предноста и на крајот триумфираа со конечни 25-35, со нова атракција на Дејан Манасков за печат на овој убедлив триумф.

Нејт Цехте беше незапирлив и го заврши мечот со дванаесет погодоци, шест пати прецизен беше Радивојевиќ, а по четири гола постигнаа македонските репрезентативци Кузмановски и Пешевски. Кај Алкалоид најефикасни беа Дамјан Митев со шест (сите од пенал), Серафимов со пет и Велковски со четири постигнати гола.

Се вчитува...