МЗТ Скопје ја продолжи својата доминација на македонската кошаркарска сцена, славејќи со 86-82 во решавачкиот натпревар против Крпош соколи. Мајсторката донесе максимално израмнета игра во која на крајот сепак пресуди искуството на тимот од Аеродром, кој по загубената куп-круна немаше намера да остане со празни раце сезонава. Клоф одигра фантастичен меч, но Дреновац со тројката во последната минута го реши овој натпревар, кршејќи го целосно отпорот на гостинскиот тим.
МЗТ Скопје подобро го стартуваше натпреварот, поведе со 9-4, но гостинскиот тим набрзина се консолидираше, па со неколкуте прецизни шутеви од далечина на половина од стартната четвртина Карпош соколи дојде и до предност од 11-12. „Металците“ не реализираа уште еден напад, Чомагиќ погоди тројка за 11-15, по што Назор побара тајмаут. Гостите потоа три минути беа без постигнати поени, по што МЗТ се врати и повторно накратко ја презеде контролата над резултатот.
„Соколите“ одговорија со три тројки во низа, две на Лабовиќ и една на Мавра, па гостинскиот состав на стартот од второто полувреме имаше 22-26, пред Клоф да ја постигне својата прва тројка а натпреварот . Повторно дојде период на израмнета игра, за МЗТ Скопје да врзе неколку добри одбрани во низа, со тројката на Клоф да поведе со 35-32, по што Николиќ зеде тајмаут. Повторно одличен во дефанзива беше Ѓуроски, МЗТ стигна до водство од 37-32, пред серијата на шампионот со нова тројка да ја прекине Лабовиќ.
„Металците“ добија крилја од публиката, во повисок ритам завршувајќи го полувремето, но и пропуштајќи шанса за поубедлива предност откако Дреновац ја загуби топката при 45-39, дозволувајќи му на Соколов со лесна реализација да намали на 45-41 за крај на првите 20 минути игра.
Домашните кошаркари беа подобри и на стартот од третиот период, па по забивањето на Клоф и личната грешка на Лабовиќ актуелниот првак за првпат поведе со 50-43. „Сино-белата“ фуија продолжи, Клоф погоди тројка за 54-45, а Бојан Трајковски на спротивната страна ја заработи својата четврта лична грешка. „Соколите“ покажаа карактер, па во 26. Минута намалија на 58-54, по што Анте Назор побара тајмаут за да ги консолидира редовите на домашниот тим.
Пери веднаш погоди за намалување на 58-57, МЗТ одговори со своја мини-серија, но потоа Синовец премногу компликуваше во нападот, одигра очајно и во одбраната на другата страна, по што гостите експресно се вратија и преку Пери во 29. Минута израмнија на 62-62. Тејмс погоди два пати од линијата за слободни фрлања, по што и двата тима промашија по неколку напади, па во последните десет минути се влезе со минимална предност на МЗТ Скопје од 64-62.
Соколов украде топка при првиот напад на МЗТ во последната четвртина, по што Мавра погоди тројка за водство на гостите од Карпош од 64-65. „Соколите“ имаа и 64-67, но потоа Мијатовиќ погоди тројка, па Клоф изнуди прекршок од Мавра при шут за три, но холандскиот ас погоди само едно од трите слободни фрлања. Следеа неколку минути играа „кош за кош“, пред Соколов да погоди тројка за 74-76, а потоа Тејмс да загуби топка во противничкиот рекет, давајќи им шанса на гостите посериозно да се одлепат. Соколов одлично асистираше до Лабовиќ за 74-78, но токму Лаботиќ на неполни три минути до крајот прв го напушти теренот поради пет лични грешки.
Лалиќ беше два пати непрецизен, но еден од гостинските кошаркари несмасно си даде „автокош“ во обид да ја отстрани топката од обрачот. „Металците“ добија на сила, шутот за момент престана да ги служи „соколите“, па домашниот тим експресно го сврте резултатот во своја полза, поведувајќи со 80-78 на помалку од две минути до крајот, принудувајќи го Николиќ на тајмаут.
Пери израмни со две слободни фрлања, но потоа Дреновац со фантастична тројка донесе еуфорија меѓу аеродромци за водство од 83-80. Бојан Трајковски се обиде да израмни со тројка на спротивната страна, но не успеа, десетина секунди подоцна репрезентативецот ја направи и петтата лична грешка, по што Клоф од линијата за слободни фрлања донесе недостижни 85-80. „Соколите“ се обидоа да направат чудо со тројки, но не успеаја, па МЗТ Скопје заслужено славеше со конечни 86-82, за шеста титула во низа и продолжување на доминацијата во македонската кошарка.
Клоф со 29 поени и Дреновац со 23 поени беа најефикасни во редовите на актуелниот шампион, додека кај Карпош соколи први стрелци во вечерашниот пораз беа Пери и Лабовиќ со по 17 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА