Њу Сентс владее во Велс, но брзо испаѓа во Европа

Шкендија мора да биде задоволна од денешната ждрепка, во која македонскиот првак за ривал во стартната квалификациска рунда го доби велшкиот шампион Њу Сентс. Тетовските „црвено-црни“ налетаа на тим што сигурно можат да го добијат, најслаб од петте потенцијални кои се наоѓаа во шеширот на носители при ждрепката.

Њу Сентс е тим што доминира на велшката фудбалска сцена, каде е редовен шампион уште од 2012 година. По титулата на Бангор во сезоната 2010/2011, почнува доминацијата на „светците“ кои остануваат на тронот на велшкиот фудбал се до ден денеска. Минатата сезона тие стигнаа до титулата со 74 бода, дури 14 повеќе во однос на второпласираниот Бангор, со скор од 23 победи, пет реми и четири порази.

Најимпресивната сезона овој тим ја имаше пред две години, кога стигна до 85 бода, дури 27 повеќе во однос на конан Квеј на втората позиција, со фантастични 101 постигнати погодоци.

Добрите игри на домашната сцена не значат многу во Европа, па така велшкиот првак лани беше елиминиран со два порази од Ријека на стартот од европската авантура, пред две сезони без постигнат гол Велшаните беа елиминирани од АПОЕЛ, претходно загубија и од Видеотон (2015/2016), Слован Братислава (2014/2015), Легија Варшава (2013/2014) и Хелсинборг (2012/2013).

Најдобар стрелец на оваа екипа е Грег Дрејпер од Нов Зеланд, кој минатата сезона постигна 22 погодоци на 31 натпревар во велшкиот шампионат.

Се вчитува...