Суперѕвездата на Кливленд кавалирс, Леброн Џејмс, по завршувањето на оваа сезона може да направи сензационален трансфер и да стане нов член на Голден стејт вориорс, доколку актуелниот НБА шампион направи простор во својот „салари кап“. „Кралот“ по оваа сезона ќе биде слободен агент, па уште сега се поставува прашањето каде Џејмс ќе ја продолжи кариерата.
„Воините“ имаат буџет од 95 милиони долари за плати во лигата, најмногу од сите останати франшизи, па наводно тие веќе подготвуваат план како ќе ги обезбедат средствата за да го ангажираат еден од најдоминантните кошаркари. Раководството на Голден стејт најверојатно ќе ги „жртвува“ Шон Ливинстон и Клеј Томпсон, а една од опциите е да го убедат Дурант да се откаже од неколку милиони од неговата годишна плата според која заработува 18 милиони за секоја сезона.
Франшизата од Охајо годинава игра далеку од своето препознатливо ниво кое го одржуваше последниве три години. Пред почетокот од сезоната направија големи промени во ростерот, им замина вториот клучен играч, Кајри Ирвинг кој го заменија со Алзеа Томас од Бостон, но со неговата повреда Кливленд наликуваше на „трактор со пукната гума“ на теренот, а сам на грбот ги носеше нивниот капитен Џејмс. Исходите од оваа сезона создадоа фрустрација кај „кралот“, а веќе долго време е на „тенок мраз“ со управата, па токму затоа следното лето може да направу голем „бум“ во САД и да го облече дресот на директниот ривал за титула. Секако и тоа што Џејмс два пати губеше во последните три финални серии против Голген стејт, може да биде причина за неговата преселба знаејќи дека каде и да оди, не ќе може да го совлада триото Кари – Дурант – Грин.
Во игра се уште неколку клубови, наводно ЛА лејкерс имаат голема желба да го видат Џејмс во пурпурно – жолтиот дрес со цел да бидат тим кој повторно ќе конкурира за титула, додека Филаделфија се споменува како една од опциите за 33 – годишното крило. Но, доколку успее планот на Голден стејт, тоа навистина би било премногу бидејќи не постои екипа која ќе може да ја спречи нивната доминација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА