Дербито на 19. коло од шпанската Ла Лига меѓу Барселона и Атлетико Мадрид донесе фантастичен фудбал со хепиенд за гостите, кои со гол во судиското продолжение стигнаа до победа од 1-2 во каталонската престолнина. Барса има за што да жали, имаше и игра и водство, креираше шанси за 2-0, но бројните промашувања беа казнети од страна на тимот на Диего Симеоне, кој уште еднаш покажа дека со цврста одбрана и ефикасност при малкуте создадени шанси може да стигне до позитивен резултат.
Првото полувреме донесе апсолутна доминација на домашниот тим, а фудбалерите на Атлетико за 45 минути не упатија ниту еден удар кон голот на Пења. Офанзивата вроди со плод по извонредната акција на домашниот тим, кога Педри по двојното додавање со Гави успеа да го матира одличниот Јан Облак.
Гостите беа принудени да се отворат и оставија многу простор,а каталонците сигурно уште долго ќе жалат за двете стопроцентни шанси при 1-0 кога Фермин и Рафиња излегоа очи в очи со Облак, но не го најдоа патот до мрежата. Казната стигна во еден од ретките напади на Атлетико на противничкат аполовина, кога Касадо не изреагира најдобро во сопствениот шеснаестник, на одбиената топка натрча Де Пол и ја смести во мрежата.
Атлетико имаше и стопроцентна шанса за 1-2, но финишот мина во знакот на Барселона, домаќините имаа уште неколку извонредни шанси, но Облак делуваше семоќно, не дозволувајќи топката да заврши во мрежата. И кога се очекуваше последниот судиски свиреж, Атлетико во 96. минута даде и втор гол, со беспрекорен контранапад што Серлот го претвори во победа за огромни 1-2 за Атлетико (12. во низа во сите натпреварувања за оваа екипа) и искачување на мадридскиот тим на врвот на табелата во Ла Лига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА