Горан Пандев во текот на викендот ќе добие нов тренер во Џенова, и тоа поранешната „ѕвезда“ на Милан и на Челси, Украинецот Андриј Шевченко. Џенова вечерва во самиот финиш се спаси од пораз на гостувањето против Емполи, но овој освоен бод нема да го спаси Давиде Балардини одотказ.
Поранешниот голгетер е без ангажман откако летово го напушти кормилото на украинската репрезентација, тој не ја крие желбата за тренерска авантура во Италија, каде ги мина најблескавите моменти како играч. На Шева му е јасно дека нема веднаш да добие понуда од клуб со највисоки амбиции, поради што е подготвен да замине и во помал тим со кој би се борел за опстанок.
Џенова влегува во оваа категорија, новите американски газди сакаат да го подобрат имиџот на тимот и веруваат дека доведувањето на Шевченко на клупата ќе биде извонреден потег.
Од целата ситуација би можел да профитира и Пандев, кој на последните средби беше во немилост на Балардини, но македонскиот ветеран сигурно ќе добие поголема доверба од Шева, со кого своевремено беше голем ривал на терените ширум Италија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА