Интер со триумф над Милан го осигура шампионското скудето, апсолутно заслужено ако се земе во предвид доминацијата на „нероаѕурите“ во текот на целата калчолигашка сезона.
Ако лани ја минаа сезоната бркајќи го Наполи кој на два месеци пред крајот сериозно се одлепи, избраниците на Инзаги овојпат ја научија лекцијата, играа извонреден фудбал и апсолутно заслужено го осигураа јубилејниот 20. трофеј во клупската историја, прв за Симоне Инзаги како тренер.
А бројките најдобро потврдуваат колку моќно делува Интер на терените ширум Италија сезонава. На досегашните 32 средби „нероаѕурите“ постигнаа 77 гола, примајќи само 18. Имаат претрпено само еден единствен пораз, и тоа оној на домашен терен од Сасуоло кон крајот на септември 2023. Од тогаш па се до денеска Интер не знае за пораз во Калчо-лигата, а успешната приказна беше крунисана со триумфот во градската пресметка со Милан, за Милано вечерва да биде обоено во сино-црно.
Ако на сето ова се додаде дека минатото лето овој тим остана без првиот голман Онана и без стандардниот напаѓач Лукаку, наместо нив за вкупно шест милиони евра беа доведени Зомер и Турам, јасно е зошто не само Инзаги, туку и управата на чело со директорот Марота имаат огромна заслуга за оваа извонредна сезона на „нероаѕурите“.
🚨🇮🇹 Inter are Serie A champions with their league title number 20 in their history! 🔵⚫️
77 goals scored, 18 goals conceded, just one defeat. pic.twitter.com/rdnxBgeUYF
— Fabrizio Romano (@FabrizioRomano) April 22, 2024
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА