Точно 30 години од смртта на кошаркарскиот Моцарт: Нераскажаната приказна за Дражен Петровиќ (ВИДЕО)

На денешен ден пред точно 30 години, еден од најголемите европски кошаркари на сите времиња, Дражен Петровиќ замина во вечноста. Нема роденден на Дражен или годишница од неговата смрт која кошаркарските фанатици ширум светот пропуштиле да ја одбележат сите овие 30 години.

Многу мастило е потрошено сите овие изминати години во обидите со збор да се опише кошаркарска големина како Дражен Петровиќ, пишувани се бројни книги, монографии, подготвувани се документарни филмови, но никогаш до крај вистински не може да се заокружи делото на хрватскиот кошаркар… Дражен самиот по себе, веќе е мит!

Кошаркарскиот Моцарт, како што го препознаваа насекаде во светот, својот пат на паркетот го почна на 13-годишна возраст.

„Никогаш не пропуштив ниту еден тренинг. Никогаш! Знаев да уфрлам после тренинзите и плус по 500 топки кон кошевите, а потоа поставував столови и дриблав уште половина час“ – ја објаснуваше Дражен тајната на својот успех.

Многу брзо во кариерата неговиот матичен клуб Шибеник му стана само отскочна даска, а веќе со неполни 20 години тргнувајќи по својот брат Александар Петровиќ беше лидер на моќната Цибона. Откако со репрезентацијата на поранешна СФРЈ освојуваше се што може да се освои на светските, европските и олимписките шампионати, многу брзо во дресот на Реал Мадрид стана најдобриот европски кошаркар.

И, после освојувањето на Стариот континент неизбежно беше остварувањето на неговиот сон – НБА лигата. Го облече дресот на Портланд, потоа и на Њу Џерси, иако не се наигра во него поради прераното несреќно завршување на неговиот живот.

Дражен Петровиќ, иако повлечен надвор од него, не се плашеше од никого на паркетот. Секогаш ќе останат забележени неговите дуели со неповторливиот Мајк Џордан. Пред еден дуел меѓу САД и Хрватска на Олимписките игри 1992 во Барселона, ќе истане забележана една нивна меѓусебна конверзација…

 „Ќе ти забијам меѓу очите“ – му се обратил пред натпревар Џордан на Петровиќ, но зачудувачки тогаш за него веднаш добил контра одговор:

 „И јас на тебе. Верувај!“ – вратил Дражен. За време на мечот така и биднало!

Во тоа време од НБА со потсмев гледаа на европската кошарка. А, Дражен Петровиќ заедно со Владе Дивац и Арвидас Сабонис беа единствените кои силно се обидуваа да го променат тој впечаток. И дефинитивно успеаја. Тоа се имињата кои го направија пресвртот на погледите од НБА кон Европа.

Кога беше пред повик за настап на Ол Стар викендот во 1993 година, како во моментот десетти најдобар стрелец во најсилната кошаркарска лига на светот, Дражен Петровиќ во Германија го заврши својот живот. А, имаше уште толку многу кошарка пред себе!

И повторно денеска, на 7. јуни 2023 година, кошаркарскиот свет на момент ќе застане и ќе се потсети на еден голем спортист, пример за сите генерации.

Факт е дека за големината на неповторливиот Дражен може да се пишуваат романи, квалитетите што ги поседуваше му помогнаа да успее дури и во НБА, во време кога Европјаните не беа на цена на другата страна од Атлантикот. Дражен Петровиќ ќе остане запаметен како „кошаркарски Моцарт“, а за него како потсетник еве остануваат и најдобрите негови потези во кариерата…

Се вчитува...