Тодорчев најавува амбициозен Вардар Неготино во новата сезона: „Сакаме да се замешаме во битка за врвот“

И фудбалерите на Вардар од Неготино ги започнаа подготовките за новата сезона во единствената Втора лига на Македонија. Годинава со поголеми амбиции. Навивачите, популарните „Винари“, очекуваат од своите миленици да се борат за висок пласман. И со право бидејќи според една статистика натпреварите во Втората лига се најгледани во Неготино.

Раководството на клубот, на чело со претседателот Сашо Крстев, поранешниот репрезентативец на Македонија прави напори да ја засили екипата, бидејќи со враќањето во Втората лига на Брегалница и Македонија ЃП конкуренцијата ќе биде многу посилна.

Од стандардните првотимци клубот го напуштија Стефан Тасев кој замина во Тиквеш, Ристе Ламбовски во Македонија ЃП и Кико Неделков кој потпиша за Детонит. Меѓутоа Вардар се засили со голманот Славе Вргов, младински репрезентативец, кој беше член на  Брера, со Живко Крстев, 19 години, исто така од Брера, кој во младинските лиги постигнал дури 30 гола. Потоа со Драко Донев од Брегалница Штип и Мухет Ахмети од Тиквеш.

„За неколку дена ќе бидат познати имињата на уште тројца квалитетни играчи, кои ќе ја засилат екипата за новата сезона. Сакаме да создадеме млад но силен тим, кој ќе може да се замеша во борба за највисок пласман. Ги имаме сите услови за тоа, убав стадион, верни навивачи кои патуваат со нас на секој натпревар, финансиска помош од градот. Сега сме поискусни за една второлигашка сезона бидејќи не е исто да се игра во Втора или Трета лига“ – ни изјави тренерот Горан Тодорчев.

До стартот на новата сезона Вардар ќе одигра шест пријателски средби кои се веќе договорени. На 17 јуни со  Вардарски, на 20 со Победа, 24 со Беласица, 28 со Борец, на 3 август со Кожув и „генералката“ пред стартот  на 10 август со Слога Виница.

М.М.

Се вчитува...