Македонија и покрај тешката битка не успеа да стигне до изненадување на дуелот со Италија, но нашите кошаркари немаат време за жалење бидејќи веќе денеска (15.30 часот) ги очекува нов предизвик во Перм против домаќинот Русија.
Ривалот според реномето би важел за апсолутен фаворит, но огромниот број отсутни кошаркари во таборот на „зборнаја“ дава за право да се надеваме дека може да се стигне до позитивен резултат денеска. Рускиот селектор нема да може да смета на Фридзон и на Кулагин, двајцата кошаркари кои беа најефикасни на првиот меч меѓу овие две селекции што исто така се одигра во Перм, а „зборнаја“ го доби со 77-67.
Македонскиот селектор Александар Тодоров очекува поразличен меч во однос на оној со Италија, но смета дека доброто издание против „аѕурите“ им ставило до знаење на македонските кошаркари можат да се носат со сите ривали во овие квалификации.
„За жал, поради правилата на ФИБА поврзани со пандемијата ќе бидеме принудени по вторпат да играме со Русија на гостински терен. На првиот меч минатиот февруари, исто така во Перм, одигравме еден солиден меч, иако сега во однос на тој дуел на противникот ќе му недостигаат двајца играчи кои ни создадоа најголеми проблеми, Фридзон и Кулагин. Од друга страна, затоа денеска во составот ќе го имаат искусниот Воронцевич, како и Боломбој и Антонов, двајца кошаркари кои добија специјална дозвола од ЦСКА Москва да настапат на овој турнир. За разлика од Италија, Русите играат многу поагресивно во одбраната, очекуваме тие да се обидат целосно да ги отсечат нашите плејмејкери. На првиот меч ние одлично се снајдовме против таа одбрана, се надевам дека и денеска ќе успееме да искреираме лесни поени. Најважно од се е да покажеме дека нашата игра од вчера не беше случајност, дека можеме да му парираме на секој ривал и со тоа да влеземе со уште поголема самоувереност во одлучувачкиот дуел со Естонија“, истакнува Тодоров за ЕКИПА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА