Тодоров: ФМП игра различно од Партизан, најважно е да го запреме Човиќ

Кошаркарите на МЗТ Скопје немаат многу време за радост по големиот триумф над Партизан. „Металците“ утрово тргнаа за Белград, каде утре ќе се сретнат со ФМП во рамките од второто коло од АБА-лигата. Тренерот Александар Тодоров е свесен дека пред неговиот тим е тешка задача, а ФМП за разлика од неколкуте звучни имиња во Партизан е понезгоден противник бидејќи станува збор за квалитетен колектив во кој секој си ја знае сопствената улога.

Очекувам тежок натпревар, како што сметам дека ќе биде секој од преостанатите 21 во АБА-лигата, без разлика дали ќе ги играме во Скопје или на гостински терен. ФМП е екипа што нема премногу звучни имиња како Партизан, но која функционира одлично како тим. Секој играч многу добро си ја знае улогата, почнувајќи од Човиќ, кој има целосна слобода во нападот, па се до огромниот Оџо, кој со својата висина го контролира рекетот“ – истакнува Тодоров.

Тренерот на „металците“ потенцира дека неговата екипа ќе се соочи со нов предизвик во играта во одбрана, иако ФМП игра поразлично во нападот во однос на Партизан, кој во првото коло постигна 89 поени против македонскиот првак.

Партизан огромен дел од својот напад го базираше на транзиција, видовме колку брзо се трансформираат од одбрана во напад и колку лесни поени постигнаа во петокот. а разлика од нив, ФМП повеќе го базира својот напад на поставени комбинации, каде доминира играта „pick&roll“, пред се за Човиќ“ – посочува стратегот на МЗТ Скопје.

Се вчитува...