Македонскиот кошаркарски тренер Александар Тодоров испишува клупска историја со Крајова, откако успеа да го внесе овој тим меѓу најдобрите четири во романскиот плеј-оф. Крајова е екипа што многу ретко влегува во доигрувањето, а никогаш досега немаше добиено ниту еден натпревар во плеј-офот. Тоа се промени под водство на Тодоров, откако Македонецот го предводеше својот тим до триумф од 3-2 во четвртфиналната серија против Темишвар, па за првпат во клупската историја Крајова ќе игра полуфинале.
Крајова ја доби синоќешната мајсторка на домашен терен со 67-62, а најефикасен беше поранешниот играч на Фени индустри, Горан Гајовиќ со 18 поени.
„Чувството е прекрасно, работевме напорно цела сезона и на крајот тоа се исплатеше. Сите во клубот се презадоволни, создадена е еуфорија, што е само причина да продолжиме во ист ритам и во преостанатиот дел од сеззоната“ – истакнува Тодоров.
Ривал на неговиот тим во полуфиналето ќе биде Сибиу, екипа што во регуларниот дел од сезоната се најде на првата позиција.
„Тоа е противник од кој бевме елиминирани и во Купот на Романија, загубивме со 15 разлика на гостински терен, дома имавме „плус 13“ и шут за победа што за жал не го погодивме. Сезонава два пати ги совладавме пред нашите гледачи, но за пласман во финалето ќе треба да ги победиме и на гостински терен, што сигурно нема да биде лесно. Како и да е, едно е сигурно – нема да се предадеме“ – порачува поранешниот стратег на МЗТ Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА