Кошаркарите на МЗТ Скопје се вратија назад по мини-турнејата во Турција каде одиграа три натпревари, губејќи од Бујукчекмече и од Цибона пред да забележи победа над турскиот второлигаш Бакиркој. Проблемите во играта во одбрана беа најзабележителни, но тренерот Александар Тодоров останува оптимист дека „металците“ ќе заиграат на посакуваното ниво на стартот на сезоната во АБА-лигата, на кајот од овој месец.
„Сметам дека како за први натпревари покажавме дека имаме компетитивна екипа. Нормално, ги видовме и проблемите и предностите кои ќе ги имаме во предстојната сезона и тоа е нешто на кое ќе обрнеме внимание во тренинзите во наредниот период. Во секој случај, задоволен сум што можевме да одиграме контроли со два силни тима, на еден турнир организиран на високо ниво. Имаме многу работа на тактички план, пред сѐво одбраната, каде покажавме значителни недостатоци. Имавме проблем и во скокот и во напад и во одбрана, но факт е дека на центарската позиција игравме во една скратена ротација. Што се однесува до физичката подготовка, повеќе од задоволен сум од она што го прикажавме“ – изјави Тодоров.
Трофејниот стручњак останува на својот став дека играта на МЗТ Скопје мора да се базира што повеќе на домашните играчи, но смета дека македонските кошаркари треба да се подготвени да се носат со таа одговорност.
„Мојот концепт е да се игра со претежно домашни играчи во ростерот. По мојата прва прес-конференација, кога го преставив тој концепт, многумина познавачи на домашната кошарка ме советуваа дека тоа е пат во сигурен неуспех. Она што се виде во Турција е фактот дека домашните играчи во изминатите години биле само една бројка за пополнување на составите на своите екипи и затоа сега, кога од нив се бара да преземат одговорност, тоа ќе преставува еден голем проблем, барем до оној момент кога ќе успеат да ја надминат таа бариера. Но, сигурен сум, а особено по она што ѝ се случи на репрезентацијата во претквалификациите за СП 2019, дека тоа е единствениот пат по кој мора да се помине, за да во некое скорешно време се вратиме на завршниците на големите натпреварувања. Нормално, ќе помогне бројот од два домашни играчи на терен во домашното првенство, иако сметам дека тој треба да се зголеми на три“ – вели тренерот на МЗТ Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА