Александар Тодоров не може да биде задоволен откако неговиот тим претрпе нов пораз на домашен терен, овојпат од екипата на Цибона. „Металците“ уште еднаш не ја искористија предноста што вообичаено ја носи теренот во Аеродром, а за разлика од претходните мечеви на кои потфрлуваше одбраната, овојпат на висина на задачата не беше нападот, со само 11 постигнати поени во последната четвртина. Воедно, тој најави и освежување на играчкиот кадар во следниот период.
„Постои разочарување што загубивме втор натпревар по ред на домашен терен, меѓутоа денеска ми се чини дека тоа е максимумот на оваа екипа. Ни недостигаат двајца играчи на две позиции, ги дочекавме изборите што ги очекувавме, имаме позитивни ветришта и се надевам дека на следниот домашен натпревар ќе бидеме значително засилени, со изменет играчки состав. Јас би сакал да одигравме еден просечен натпревар со над 80 постигнати поени, но тоа не се случи. Во второто полувреме постигнавме само 30 поени, но имавме и шут за три 1/9, откако во првото полувреме шутиравме со 50%. Стилот на игра не го променивме, едноставно за жал ги промашивме шутевите. Ако некој ми понудеше две победи во првите пет кола ќе прифатев, но сега искрено жалам што немаме четири победи, по поразите од Задар и од Цибона“ – изјави Тодоров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА