Стратегот на МЗТ Скопје, Александар Тодоров, имаше причини за незадоволство по новиот пораз на неговиот тим, овојпат на домашен терен од Задар. Хрватскиот состав важи за еден од најслабите во АБА-лигата и оваа сезона, па јасно е дека овој неуспех е знак дека пред МЗТ е период на напорна работа за „металците“ да заличат на стабилен АБА-лигаш од средината на табелата, нешто што беше зацртано како цел на стартот од сезонава.
„Тежок пораз бидејќи е неуспех против директен конкурент. Еден натпревар што сметам дека требаше да го добиеме, имавме два поени предност и ни требаше само една одбрана, но Шпраља кој претходно имаше 0-5 и за кој се договоривме да не го оставиме сам, сепак остана сам и ја погоди таа тројка што го направи пресвртот. Кажав и после Партизан, дека имаме долга сезона и дека тоа што беше со Партизан беше убаво, но ќе биде тешко да се повторува секој меч. Тешко е кога ќе го победиш Партизан, па ќе загубиш од ривал како Задар. Пред нас се дуелите со Игокеа и со Цибона, на тие два меча мораме да бараме најмалку една победа, тоа е нешто што мораме да го оствариме бидејќи во спротивно би се нашле во незавидна ситуација“ – изјави Тодоров.
Македонскиот првак прими 83 поени, но стратегот на МЗТ Скопје смета дека поразот е резултат на недоволно ефикасниот напад.
„За мене 80 постигнати поени се малку, шутиравме 5/23 од тројка во своја сала. За добра одбрана треба време, но очекував повеќе поени во нападот. Треба да се има во предвид и дека 22 минути игравме без Бојан Трајковски, токму неговите „плус десет поени“ што ќе ги постигнеше беше она што ни недостигаше“ – истакна тренерот на МЗТ.
Тој се осврна и на проблемот со загубените топки, дури 20 на МЗТ Скопје на оваа средба, од кои дел со почетнички грешки при уфрлање од аут или од под сопствениот кош.
„Секогаш имаме проблем кога противникот ни игра агресивно во одбрана и премногу лесно ги губиме тие топки. Имаме 20 загубени топки, што е ниво на полупрофесионален тим. Според мене не е проблем, станува збор за најпросто уфрлање, на паузата договоривме Бојан да биде тој изведувач, но тој веднаш направи две лични грешки, мораше да влезе Џенсен и таму почна хаосот. Очигледно е дека на секој натпревар увидуваме некоја нова глупост што сме способни да ја направиме, па сега ќе работиме да ја отстраниме“ – разочаран беше Александар Тодоров.
Јуре Лалиќ беше најефикасен во редовите на МЗТ Скопје на оваа средба со 23 поени, премалку за сепак да се стигне до втората победа сезонава.
„Не одигравме добар натпревар, клучна повторно беше слабата одбрана, примивме 83 поени. Не затворавме добро, не скокавме, тоа делумно е и моја вина. Се извинувам на навивачите, но верувам дека во иднина ќе прикажеме подобра игра. Пред нас се уште 19 натпревари на кои ќе можеме да го поправиме впечатокот“ – изјави хрватскиот центар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА