ФИБА вчера ги објави термините за натпреварите од февруарските квалификации за Евробаскет, што донесоа и лоша вест за нашиот национален тим. Македонија поради коронавирус не ги одигра двете ноемвриски средби во Талин, поради што сега ќе има пеколен распоред во Перм на почетокот од 2021 година, кога „црвено-жолтите“ за пет дена ќе треба да одиграат четири натпревар.
Селекторот Александар Тодоров вели дека тоа што турнирот ќе се игра во Русија и не е некое големо изненадување, но е загрижен поради пеколниот ритам, уште повеќе ако се знае дека клучниот дуел со Естонија ќе биде последен на програмата за нашите кошаркари.
„Одлуката да се игра во Русија за мене не е изненадувачка, бидејќи, горе-долу, тоа го очекувавме. Повеќе сум изненаден од решението да се играат четири натпревари. Со само еден ден пауза помеѓу вториот и третиот, кое за нас може да преставува голем проблем. А згора на сè и последниот натпревар во тие пет дена да биде токму оној со Естонија. Но истиот распоред го доби и Унгарија, која исто така не успеа да одигра ниту еден натпревар во последниот прозорец. За нас останува да се подготвиме како да го преживееме овој убиствен ритам“– вели Тодоров.
Од оваа временска дистанца, селекторот издвојува неколку фактори кои би можеле да се покажат како клучни во тој „пекол“кој со себе го носи турнирот во Перм.
„Неколку фактори се важни: Прво, каква ситуација ќе имаме со заболени од корона вирусот и генерално, со повреди во тој февруарски циклус, бидејќи единствен начин да се справиме со овој календар е една широка ротација од 12 играчи, веројатно и да имаме 14-15 играчи на располагање. Со идеја, на клучните кошаркари да им дадеме барем еден екстра, односно слободен ден за одмор. Второ, треба да видиме каква среќа ке имаме со летовите до Перм. Минатиот пат имавме сосема добра конекција, но сега сме сведоци на секојдневно откажување на летови. Затоа, треба да почекаме, да видиме дали ќе може да го најдеме најбрзиот пат до Перм. И трето, треба да видиме колку денови порано ќе ни биде дозволено да отпатуваме за Перм, со оглед на големата часовна разлика и можноста за прилагодување на истата“- уште сега бара решенија предводникот на нашата најдобра селекција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА