Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Тодоров е задоволен од сработеното во изминатите пет дена од подготовките во Скопје. Освен несанираната повреда на Марко Симоновски, сето останато е според очекувањата на предводникот на нашиот национален тим кој ги одбра 15 играчи на кои ќе смета за турнирот кој од 18. до 22. февруари ќе се одржи во Перм.
„Добро, она што од најмногу стравувавме, двата теста за Ковид-19 поминаа во најдобар ред. На двата теста сите играчи беа негативни. И патуваме за Русија со комплетен состав. Со еден исклучок, повредата на Марко Симоновски кој дојде на подготовките повреден на последниот натпревар на неговиот клуб во последното коло од нашето првенство“ – вели Тодоров пред утрешното заминување за Перм, притоа дополнувајќи:
„Можам да кажам дека сум задоволен. Направивме солидни подготовки во изминатите пет дена. Таму имаме уште два дена, што е малку. Меѓутоа повеќе во однос на останатите репрезентации, особено од нашата група од кои еден дел се собира дури утре“.
Во пет дена, четири и тоа како тешки мечеви не очекуваат во Русија, еден навистина пеколен распоред кој го одреди ФИБА?
„Добро, проблем е дефинитивно. Но така процениле во ФИБА, така решиле. Ние треба да го исполниме. Тешко е, навистина е тешко, особено што веќе имав можност да играм со мојот клуб еден таков ‘балон’. Односно да играме четири натпревари во пет дена, каде што беше навистина тешко. Особено што во тие услови, како клуб, дури и можеш и малку да тактизираш. Да одмориш некого. Ова е сепак репрезентација. Сакале или не, мора на секој натпревар да одиш на максимум“ – вели македонскиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА