Тренерот на МЗТ Скопје, Ацо Тодоров вели дека ја презема одговорноста за поразот од Работнички во големото дерби. Предводникот на „металци“ посочи дека неговиот состав потфрли во последанта четвртина од средбата, особено во офанзивата. Иако по почетокот на сезоната МЗТ направи неколку измени во ростерот, ниту со новите засилувања не се подобри нивната игра, па сега откако Тодоров се истакна како виновник за овој пораз, прашање е дали ќе остане на клупата на шесткратниот македонски шампион, и дали воопшто ќе го води тимот против Морнар во следното коло од АБА – лигата.
„Изгубивме натпревар кој речиси 35 минути го имавме под контрола. На крај, она што го сметавме за наше главно оружје, односно офанзивата во последната четвртина тотално запре. Постигнавме само седум поени, па така ја загубивме борбата под кош со 15 скока против екипа која не е ниту физички подобра од нас, а не е ниту повисока. Едноставно со овој натпревар мислам дека го одредивме и нашиот пласман по овие кола, иако има многу натпревари до крајот во првенството“ – изјави Тодоров.
Воедно, тој најави дека лесно може да се случи и во текот на утрешниот ден да дојде до тренерска смена во редовите на шампионот.
„Дојдовме до една точка каде што веќе мора да се пресече. По оние порази од Задар и Цибона се надевавме дека ќе го подигнеме нивото на играта со новите засилувања, но веќе немаме оправдување. Денес бевме комплетни во ростерот и со одредено време за воигрување, но напредок во нашиот тим не се забележува, така што одговорноста за овој пораз ја превземам лично јас. Дали ќе останам тренер на овој тим и дали ќе ја водам екипата против Морнар ќе знаеме по утрешниот ден, бидејќи за тоа не одлучувам јас самиот. Претходно се вадевме на стара слава, други тренери пред мене имале и помалку кредити, но веќе ги потрошив сите кредити“, истакна Тодоров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА