Александар Тодоров по неколку години пауза повторно ќе биде дел од романскиот шампионат, откако македонскиот стратег потпиша двогодишен договор како шеф на стручниот штаб на Крајова. Добрите резултати како тренер на Динамо Букурешт беа препорака Тодоров да остане „на цена“ во романскиот шампионат, па по кратката авантура во МЗТ Скопје и потоа улогата на прв асистент на Тити Папазов во Левски Лукоил, ја прифати понудата за преселба во Романија.
„Имав можност да останам во Левски Лукоил, но моја желба беше повторно да бидам прв тренер. Добив неколку понуди, а ја избрав онаа на Крајова бидејќи ми се допадна проектот, но и бидејќи станува збор за град што не е предалеку од Скопје. Директорот на Крајова, кој воедно е и директор на репрезентацијата на Романија, почнува клупски проект што планира да го постави на здрави нозе, тоа ми се допадна и брзо се договоривме. Овој клуб никогаш досега нема победено натпревар во плејофот, цел во првата година ни е да стигнеме до четвртфиналето и да победиме на неколку натпревари во таа фаза, а во втората сезона да се најдеме и меѓу најдобрите четири клубови во Романија“ – истакна Тодоров.
Александар Тодоров со екипата на Динамо Букурешт обезбеди место во плејоф завршницата, додека во Купот на Романија стигна до фајналфор натпреварувањето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА