Селекторот на македонската репрезентација, Александар Тодоров иако жали за поразот во последните минути на нашиот национален тим од Италија, не е незадоволен од начинот на игра против фаворитот, затоа што овој тим покажа едно сосема поинакво лице во однос на ланскиот февруарски „прозорец“ на ФИБА
„Покажавме дека можеме да играме против тим кој е прв на ранкингот на ФИБА во моментов. Успеавме не само да бидеме рамноправни, туку и да водиме повеќе од 18 минути од мечот. Покажавме тотално поинакво лице во однос на натпреварите лани. Ова е група која како тим има светла иднина и група на која сум исклучително горд. Ни претстојат уште три натпревари кои ќе бидат многу тешки, но на крајот најверојатно се ќе се сведе на мечот со Естонија в понеделник“ – истакна Тодоров по дуелот со Италија.
Селекторот дополнува дека Димитријевиќ и Вајли би можеле да бидат сериозен тандем, особено што „потекнуваат“ од АЦБ лигата, макар биле во различни клубови во овој момент.
„Лесно е кога имаш такви кошаркари. Двајцата знаат да играат кошарка и нема проблем да се поврзат заедно. Добро е што имаме уште два меча пред дуелот со Естонија, така што ќе имаат доволно време да се воиграат“ – додаде Тодоров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА