Тренерот на МЗТ Скопје, Александар Тодоров, очекува неговиот тим да поправи голем дел од грешките направени на дуелот со ФМП и денеска против Задар (18 часот) да ја забележи втората победа сезонава во АБА-лигата. „Металците“ во последните денови го анализираа противникот и работеа на напредок на сопствената игра, а Тодоров е оптимист дека неговиот тим ќе прикаже доволно добра игра за да стигне до нов триумф.
„Треба да се биде свесен дека ќе имаме блесоци како против Партизан, но и одредени слаби денови како на дуелот со ФМП, на кој офанзивно бевме добри три четвртини, но во дефанзива бевме под просекот цел натпревар. Трениравме напорно во овој период и очекувам далеку подобро издание против Задар. Против себе имаме квалитетен ривал што целата игра ја базира врз тројца кошаркари, Ноулс, Божиќ и Иванов. Добро ги анализиравме и сметам дека доволно ќе биде да неутрализираме двајца од овие тројца кошаркари за да стигнеме до победа, која е многу значајна бидејќи ќе ја крене самодовербата и ќе ни овозможи мир во подготовките за следниот дуел со Игокеа. Во однос на последниотг меч со ФМП, најважно ќе ми биде да видам далеку подобар пристап од сите мои кошаркари, максимална фокусираност и желба за победа во сите 40 минути“ – изјави Тодоров.
Очигледни се проблемите што МЗТ Скопје ги има во играта во дефанзива на стартот од сезонава, откако македонскиот првак прими 89 поени при триумфот над Партизан, а потоа и „стотка“ против ФМП.
„Ние и при составувањето на ростерот инсистиравме тоа да бидат играчи што ќе бидат покорисни во нападот отколку во одбраната. Секако дека очекувам да го кренеме нивото на игра во дефанзива, но многу поважно ми е да играме атрактивно во нападот. Со напад се привлекува публика, а со одбрана се освојуваат трофеи, тоа ми е добро познато, но има уште многу време до февруари кога ќе почне битката за првиот пехар. Јас сум уверен дека дотогаш нашата игра во дефанзива ќе функционира одлично, а во меѓувреме очекувам од натпревар во натпревар да играме се подобро и во нападот“ – оптимист е стратегот на „металците“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА