Тодоров: Пресудија три важни моменти, доколку ги одземеме тројки и скоковите бевме и подобар тим (ВИДЕО)

Македонската кошаркарска репрезентација се наоѓа во невозможна мисија за пласман на Европското првенство откако избраниците на Александар Тодоров по поразот од Италија, претрпеа пораз и од селекцијата на Русија која славеше убедливо со 77-94. Згора на тоа Естонија ја забележа втората победа во квалификациите откако го доби дуелот против Италија со 101-105.

„Зборнаја“ на денешната средба доминираше под обрачот каде забележа 24 скока повеќе од нашиот состав (45-21), од кои 18 беа во нападот и „произведоа“ 24 поени од втора шанса. Според селекторот на Македонија, овој сегмент од играта е само еден од трите важни моменти кои ја одлучија средбата.

„Тешко беше да се сконцентрираме и психолошки да се подготвиме, не толку во однос на нашиот противник, колку што нè изненади првиот меч од денешната програма, меѓу Естонија и Италија. Мислевме дека одлучувачки ќе биде нашиот дуел со Естонија, но додека се подготвувавме во соблекувалната, ја дознавме лошата вест, дека ќе ни требаат две победи за да се пласираме на Европското првенство. Втор важен момент беа скоковите, а трет повредата на Дамјан Стојановски поради што моравме да ротираме тројца кошаркари на таа позиција во преостанатите 36 минути. Противникот имаше 24 скока повеќе од нас, 17 само во првото полувреме кога ја оствари клучната разлика“ – изјави Тодоров.

Како што вели селекторот Тодоров, репрезентацијата беше подготвена за овој натпревар и предноста на Русија во однос на висината на играчите, но доколку ги одземеме скоковите ние сме подобра селекција од „Зборнаја“.

„Знаевме дека ќе имаме проблем да го исконтролираме скокот, но и во најлошиот кошмар не можев да замислам дека разликата ќе биде толку голема. Во секој случај доколку го одземеме скокот, во речиси сите статистички категории, освен шутот за три поени ние сме еднаков или подобар состав“ – додаде селекторот.

Пред „црвено-жолтите“ се уште два дуела на „балонот“ во Перм, каде во сабота се среќаваме со Италија, додека ден подоцна ќе го одиграме дуелот против Естонија. За македонската селекција да избори место на престојниот Евробаскет, потребни ни се победи во двата дуела, со тоа што последната средба треба да ја добиеме со двоцифрена предност.

Без оглед на сè, мораме да ги кренеме главите и да продолжиме понатаму. Ни претстои слободен ден, а потоа два натпревари во два дена кои ќе одлучат. Играме за нашата земја и тоа е најголема мотивација што може да ја добиеме. За жал, лошо ги почнавме овие квалификации (против Естонија во Скопје н.з.) и сега поради еден лош натпревар го губиме целиот циклус“ – изјави по средбата Тодоров.

Се вчитува...