Селекторот на кошаркарската репрезентација на Македонија, Александар Тодоров пред стартот на февруарскиот ФИБА “прозорец“ и завршниот турнир од квалификациите за Евробаскетот 2022 ги сподели своите очекувања за она што нашиот национален тим го чека во Перм. Четири квалификациски натпревари во пет дена во кои ќе падне одлуката кои три селекции од групата „Б“ ќе бидат учесници на Евробаскетот.
„Дефинитивно најтежок, бидејќи четири натпревари во пет дена се навистина огромен напор за било кој спортист, не само за еден кошаркар. Но тоа е што е, ФИБА така проценила, наше е да се подготвиме и да направиме не само тактика, туку и стратегија како да настапиме на овие четири средби во Перм. Специјална физичка подготовка на тимот во период од седум дена колку што имаме до првиот натпревар, од кои само последните два тренинзи ќе сме комплетни, е невозможна. Она на кое можеме ние, како стручен штаб да влијаеме, е процесот на ‘рекуперација’, каде имам огромна доверба во знаењата на нашиот медицински штаб и на кондициониот тренер Ерен Ханѓун. Како и она што го истакнав, да подготвиме соодветна стратегија како да настапиме на овие средби“, вели Тодоров.
„Го имаме речиси идентичниот состав од Талин, со тоа што ги додадовме и оние играчи кои поради позитивни Ковид-тестови не беа во можност да отпатуваат за Естонија, како и Теодор Симиќ. Овојпат ќе отпатуваме со 15 кошаркари, како би можеле да ротираме на одредени средби. Нормално доколку се наложи или доколку прецениме дека е потребен одмор за одредени играчи. Прво се надевам дека ќе ги поминеме и следните два теста за Ковид-19, оној во сабота во Скопје и вториот во Перм во понеделник вечер. Доколку немаме поголеми проблеми, се разбира дека сметам дека можеме да дојдеме до посакуваната цел, без разлика што најважниот натпревар со Естонија го играме последен“, завршува Тодоров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА