Селекторот на кошаркарската репрезентација, Александар Тодоров, е задоволен од досегашниот дел од подготовките, како и од прикажаната игра на контролниот дуел со Гостивар. „Црвено-жолтите“ имаа можност да воиграат дел од акциите, но и да ги увидат грешките и да работат на нивно отстранување се до дуелот со Естонија што на програмата е в четврток.
„Благодарност до раководството, стручниот штаб и играчите на Гостивар кои ја прифатија нашата сугестија, дојдоа во Скопје за да спарингуваме во овие 40 минути. Оваа проверка беше планирана уште во оној првичен план на подготовките. Гостивар има тим кој може идеално да парира, со оглед на тоа што зад нас се само неколку тренинзи. Затоа сето ова може да го оценам како доста корисен тест во кој можев да видам до каде сме, до кое ниво на подготвеност сме пред оваа недела, и тоа како важна за сите нас. Видовме што и како би можело да изгледа сето тоа за она што следува во четврток. Ќе се обидеме да направиме корекции во оние делови каде сметаме дека тоа може да биде и подобро. Се во насока максимално подготвени да ги дочекаме дуелите со Естонија и со Русија“– изјави Тодоров.
Македонија в четврток ќе ја пречека селекцијата на Естонија, по што нашите кошаркари ќе тргнат на пат за Русија, каде в недела во Перн ќе му гостуваат на главниот фаворит за првото место во групата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА