Селекторот Александар Тодоров беше разочаран од конечниот исход на денешниот дуел со Естонија, но кормиларот на нашата репрезентација е оптимист дека негативата од девет поени може да биде надополнета на следниот меч во Талин против истиот ривал.
„Кога ќе се постигнат пет поени во една четвртина, не се заслужува да се добие ваков натпреварот. Сепак, начинот на кој се вративме, карактерот што го покажавме, ми дава право да верувам во оваа репрезентација. Пред нас е период во кој ќе напредуваме, се надевам дека ќе бидеме и попаметни и сигурно ќе играме многу подобро. Јас се уште верувам во мојата репрезентација, убеден сум дека можеме да ја добиеме оваа селекција на Естонија со десет поени во Талин. Не е се завршено, се ќе биде завршено во февруари 2021 година“, изјави Тодоров.
Селекторот не криеше дека жали што поддршката од речиси исполнетата сала не беше искористена за на крајот да се стигне до победата.
„Можеме да зборуваме како пресудило првото полувреме, но тоа не е никаков изговор бидејќи кошарката се игра 40 минути. Во втората четвртина немавме никаква контрола над играта, влеговме во „ран енд ган“ стил за кој знаевме дека на нив повеќе им одговара, но сепак влеговме во тој нивни ритам. Штета што по подолго време се собра толку многу публика, а не успеавме да ги израдуваме нашите навивачи“, истакна македонскиот селектор.
„Црвено-жолтите“ упатија дури 35 шутеви за тројка, а само 25 за два поени, стил што Тодоров очекува да продолжи и на следните средби.
„Ние немаме играч што може да игра низок пост, што ќе доминира во рекетот, затоа и сега сме принудени да инсистираме на шутеви од далечина. Тоа е наш стил и тоа е нешто што ќе продолжиме да го правиме и во иднина. Факт е дека веќе не можеме да играме ниту одбрана како порано, да ги спуштиме противниците под 60 поени. И кога велам дека ќе ја победиме Естонија во Талин, тоа нема да биде 60-70, тоа ќе биде со голем број на поени. Едно е сигурно, јас нема да излезам сега и да ги критикувам моите играчи, ова е само прв натпревар“, изјави кормиларот на „црвено-жолтите“.
Американецот Витингтон порача дека и покрај денешниот пораз, шансите за пласман на Евробаскет 2021 не се загубени.
„Одигравме добро второ полувреме, но кошарката е спорт што се игра две полувремиња, а ние не бевме на нивото во првите 20 минути. Естонија е добра селекција, го докажа тоа, ние се боревме до самиот крај, но не успеавме да се вратиме. Ќе се бориме до самиот крај на овие квалификации, нема да се предадеме на следните натпревари“, изјави Витингтон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА