Екипата на Маџари изминатата сезона за малку не успеа да стигне до промоција во Првата лига откако во полуфиналето ја загуби мајсторката од екипата на Шкупи. Раководството на клубот е решено во новата сезона да биде направен тој чекор напред кон елитното друштво, беше формиран квалитетен играчки ростер со неколку кошаркари со прволигашко искуство, а за нов тренер именуван е Миодраг Тодоровиќ.
Станува збор за млад, но исклучително перспективен стратег кој во последните години беше дел од стручниот штаб на МЗТ Скопје, како асистент на Александар Петровиќ, на Гаги Николиќ, а до крајот на ланската сезона беше и асистент на Васко Атанасов. Тодоровиќ две години по ред е помошник и во стручниот штаб на младинската репрезентација (најпрвин кај Никола Василев, летово и кај Боро Смилковски), но штом стигна сериозна понуда за прв самостоен тренерски ангажман, тој ја прифати истата.
„Пред се благодарност до раководството на Маџари што ме избра мене за предводник на проектот за новата сезона. Амбициите се јасни, влез во Првата лига, но токму таа амбициозност и желбата за напредок на овој клуб беше важен фактор за да се договориме експресно за моето седнување на клупата. Желба на управата е клубот да се развива од година во година, тоа е исто така и моја желба од сезона во сезона да се развивам како тренер и слободно можам да кажам дека амбициите ни се поклопија, а јас сум презадоволен што сум дел од овој клуб. Ова ќе ми биде прв ангажман како самостоен тренер, предизвикот е голем бидејќи се атакува на првото место, но верувам дека сум подготвен за она што ќе следи“, вели Тодоровиќ.
Формиран беше квалитетен играчки ростер, со дел од кошаркарите младиот тренер се познава од времето кога беше активен играч…
„Презадоволен сум од она што успеавме да го составиме како екипа. Имаме склоп на млади и неколку поискусни кошаркари, залагањето на тренинзите е на највисоко ниво и можам да кажам само пофални зборови за почетокот на оваа заеднички соработка, за која не се сомневам дека ќе биде успешна во текот на целата сезона. Моја одлука беше на почетокот од подготовките да се сретнеме со прволигашки екипи, да видиме до каде сме со формата и што треба да корегираме до стартот на сезоната. Воопшто немам сомнеж дека максимално подготвени ќе ја дочекаме новата сезона и првото коло во кое ќе му гостуваме во Охрид“, истакнува новиот тренер на Маџари.
Летото беше искористено за тренерска надградба на младиот стручњак, кој мина неколку дена со КК Партизан, добивајќи значајни совети од најтрофејниот европски тренер, Жељко Обрадовиќ.
„Добро познато е каква тренерска величина е Жељко Обрадовиќ, а мене ми беше чест што овој прославен стратег и КК Партизан ми овозможија да ја видам од прва рака работата во еден евролигашки колектив. Советите од стратег како Обрадовиќ сигурно се драгоцени, тој многу добро знае какви се предизвиците со кои се соочуваат младите стратези и имаше што да ми посочи како клуч за што побрз напредок. Секако дека веднаш почнав да применувам дел од она што го добив од него како совет… Како што реков, се чувствувам подготвен за предизвикот, знам дека нема да биде лесно, но верувам во мојата екипа, верувам во себе и оптимист сум дека на крајот од сезонава заедно ќе го прославиме влезот во елитното друштво“, оптимистички е расположен Миодраг Тодоровиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА